КЛУБОТ НА ПРЕТПРИЕМАЧИ е првиот проект на Здружението БУДЕЊЕ 2023 Скопје. Целта на овој проект е да пружи поддршка на новите и потенцијалните претприемачи во процесот на водење бизнис.
Една од основните причини поради која луѓето не почнуваат сопствен бизнис е неинформираноста за обврските, кои водењето бизнис ги повлекува, како и неразбирањето на финансиските аспекти на работењето.
Тоа е и една од основните маки на новите претприемачи.
Секој претприемач има идеја за производите и услугите што ќе ги продава, како ќе ги продава, па и на кого ќе ги продава, но ретко кој знае какви му се обврските согласно различни видови закони, па со тоа и колкави трошоци би му повлекло бизнис работењето.
Основната обврска на секој нов бизнис, согласно Законот за трговски друштва, е водење сметководство и изработка на финансиски извештаи. И секако дека повеќето од луѓето, кои ќе основаат бизнис, не се разбираат воопшто од овие работи.
Заземањето на став дека сето тоа ќе го среди сметководителот, кој ќе го ангажирате, не е многу паметна одлука. Сметководителот ќе ги врши работите што се неопходни за да си одработи за својот надоместок, но секако дека иднината на вашиот бизнис не му е важна, како што ви е важна вам.
И затоа не се залажувајте, ако сакате да бидете менаџер мора да ги познавате основите на финансиската структура на работењето. Тоа ви е неопходно за да ги имате работите под контрола, за да бидете сигурни дека го водите бизнисот кон највисока профитабилност, за да бидете сигурни дека ќе може да добиете кредит од банка кога ќе ви биде потребно, за да бидете сигурни дека ќе бидете подобни за апликација за одреден проект, па и да бидете сигурни дека сметководителот не ве измамил.
Водењето бизнис повлекува и обврски по други закони, кои доколку не ги исполните, вие сте тие кои ќе ги сносите последиците и ќе ги плаќате казните.
Членството во КЛУБОТ НА ПРЕТПРИЕМАЧИ ќе ви овозможи подршка за да го менаџирате вашиот бизнис на најдобар може начин.
Со членството добивате:
1. Воведен семинар за претприемачи
На едноставен разбирлив начин, прилагоден за сите профили, воведниот курс за претприемачи ќе ви објасни за:
- Одговорностите кои ги имате согласно Законот за трговски друшта;
- Суштината на финансиските извештаи и водењето книговодство;
- Суштината на ДДВ (Дали е попаметно да се регистрирате или не? Како да ја изработите фактурата за извршена продажба…);
- Се што треба да знаете во врска со готовинското работење и фискализацијата;
- Данок на личен доход, данок на добивка и данок на вкупен приход (На кој данок сте обврзници? Како да ги минимализирате давачките по основ на овие даноци кон државата?)
- Се што треба да знаете во врска со вршењето на платниот промет;
- Каде и дали треба да го пријавите вашето работење? Дали треба да извадите некакви лиценци?
- Се што треба да знаете во врска со работните односи, заштитата при работа и работното време;
- Одредбите за заштита на потрошувачи;
- Одредени прашања, поврзани со специфичноста на вашата дејност; и
Потенцијалните претприемачи ќе бидат информирани за начинот на основање на бизнис, соодветната правна форма, трошоците за основање и базичните трошоци за одржување на бизнисот.
Детали за наредниот семинар за претприемачи:
Датум: 25 април 2026 (сабота)
Почеток: 11:00 часот
Времетраење: околу 4 – 5 часа
Локација: БУДЕЊЕ 2023 Скопје, Центар
2. Состаноци за вмрежување и размена на искуства
На состаноците на КЛУБОТ НА ПРЕТПРИЕМАЧИ ќе се дискутира за различни прашања и предизвици со кои се соочуваат новите претприемачи. Дискусиите ќе бидат во насока на размена на искуства, споделување на информации и меѓусебна поддршка.
Секој нов претприемач се соочува со многу непознати прашања за кои треба да најде решение и тој процес, за жал, навистина може да биде исцрпувачки. Било да станува збор за воведување на електронско банкарство, изработка на веб-страница, рекламирање на социјалните медиуми, контакт со државните институции или наоѓање на адвокат за одредено прашање, само оној кој не се зафатил, да врши работи во нашата држава, може да мисли дека тоа е лесно. Но, секако може да биде полесно, доколку размениме искуства, добиеме информација или совет од некој кој е во слична ситуација или веќе го поминал истиот пат.
Детали за наредните средби:
Датум Средба 1: крај на јуни 2026;
Датум Средба 2: крај на септември 2026.
3. Рекламирање
Секој член ќе има можност преку e-mail маркетинг да ги презентира и понуди своите производи и услуги на останатите членови.
Секој почеток е тежок, и тоа што некој ќе сподели на информација за нашиот нов бизнис на социјалните медиуми, може да ни направи голема разлика.
Нашиот пазар е екстремно корумпиран. Многумина почнуваат бизниси со однапред договорена политичка и институционална поддршка. Но, не има и такви, јунаци, кои се борат сами.
Но, ако се здружиме, нема да бидеме сами, ајде меѓусебно да си помогнеме и да се поддржиме!